Низа активности за подобрување на условите во основните училишта

25
Се реновираат тоалетите и се вршат реконструкција на покривите и пренамена на просториите

Гевгелија

Во основните училишта во општината Гевгелија се работи на подобрување на условите пред почетокот на новата учебна година. Во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци во тек е реновирање на училишните тоалети. Акцијата опфаќа целосна замена на санитарните јазли и опременост со хигиенски средства, за да се подигнат хигиенските стандарди.

– Во ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци во тек е пренамената на две нефункционални простории, од кои едната ќе биде наменета за стручната служба, а другата е училница во која ќе се изведува настава. Старата училница се приспособува за дете со посебни потреби, кое е ученик во училиштето. Ќе биде поставена и пристапна рампа за непречено движење, со што ќе се создадат услови за олеснето следење на редовниот воспитно-образовен процес. Следуваат и реконструкција на стариот покрив и замена на старите азбестни табли – појаснуваат надлежните од Општина Гевгелија.

Оттаму дополнуваат дека и во подрачното училиште „Крсте Мисирков“ во Моин во тек се реконструкција на покривот и обнова на фасадата, а се поставува и нова изолација.
Привршуваат и активностите за партерното уредување на училишниот двор во ООУ „Владо Кантарџиев“. Инаку, инвестирањето во подобрувањето на условите се реализира од сопствените буџети на училиштата.