Неизвесна иднината на ски центарот Попова Шапка

108

Иницијативата „Спас на Попова Шапка“ составена од стопанственици, планинари и спортски работници ја алармира јавноста како и надлежните институции дека доведено е во прашање одржувањето на претсојната зимска скијачка сезона.

Според нив непознато е како ќе се скија на Попова Шапка, зошто не се гледа крајот на доградбата на новиот шестосед, а и старите ски лифови биле расипани.

-Двоседниот ски лифт беше расипан од средината на февруари и според нашите сознанија не е поправен. Тоа е најсуштински дел од скијањето на Шапка бидејќи е најмасовно посетен од почетници, бордери и други скијачи кои имаат едноставна патека за движење. Шестоседот трета сезона се работи и никој не дава одговор дали и кога ќе биде готов- изјави Жарко Неделковски, управник на хотел.

Хамди Сулејмани, од Иницијативата Спас за Попова Шапка истакна дека како што се информирани проектот предвиден за новиот шестосед нема предвидено приклучок на електрична енергија.

-Фактички АД ЕЛЕМ на ќерката фирма ЕЛЕМ турс не му пушта струја. Иако фирмата која го има изработено шестоседот и го поставува вели дека ќе биде готов до средина на декември, може тоа да биде попусто бидејќи е предвиден технички прием дури во март-април 2019-та. И тоа без струја, бидејќи за тоа треба да има нов проект-рече Сулејмани.

Освен проблемите на скијачките патеки, од иницијативата предупредуваат дека патиштата низ викенд населбата се целосно руинирани. Огромни дупки се појавени на улиците и тврдат дека нема да има можност да се движат возилата.

-Гостите слушаат по медиуми разни информации дека Шапка ќе се продава или нема да се продава и поради тоа се одлучуваат да чекаат и да не прават никакви резервации. Сме имале случаеви да дојдат до влезот на Шапка и да се вратат поради неисчистен пат од снег, зошто нивните возила не можат да поминат – велат угостителите.

Менаф Мемеди од иницијатива „Спас за Попова Шапка“ потсетува дека во 1983 година кога се поставувале столбови за ски лифтови тоа се правело со хелихоптери за да се не уништува природата, што сега не е случај.

– Со копањето уништен е најубавиот дел на Шапка, а плус во опасност се доведуваат изворите со вода. Повик до сите надлежни од градоначалник до Владата да земат стручни луѓе за да се уреди Попова Шапка- истакна Мемеди.

Неодамна, државната компанија Електрани на Македонија ЕЛЕМ кои преку ЕЛЕМ Турс стопансисуваат со скијачкиот центар Попова Шапка, соопштија дека ќе прекинат да работат на несуштински дејности како туризам за да се фокусираат на производството на електрична енергија. На трибина во Тетово, премиерот Зоран Заев најави можност Попова Шапка да се реконструира преку давање на концесија и стопанственик со искуство во раководење на ски-центар. Изградбата на шестоседот кој треба да носи по 4.500 скијачи на еден час беше покренат во рамки на мастер студија за развој чија реализација беше започната од поранешната Влада.

А.С.