На муралите во Кичево им е неопходно освежување

340

Некогаш препознатливиот белег на Кичево беа муралите, ѕидните цртежи насликани на повеќе згради на булеварот „Ослободување“, во периодот кога во градот се одржуваше манифестацијата „Курирче-Копачки видувања“, од крајот на 1970-те и почетокот на 1980-те години на минатиот век. Тогаш во градот се собираа по неколку стотици ученици, писатели и поети од земјава и од регионот.

Под забот на времето овие цртежи почнаа да го губат својот сјај, а дел од фасадите и да се ронат, што придонесе овие ремек-дела на детската инвенција полека да се бришат, а со тоа и да се избрише дел од поновата историја на градот.

Граѓанските здруженија и вљубениците во Кичево, бараат начин за што побрза ревитализација на овие ѕидни цртежи, неизбришлив белег на Кичево.

– Подолго време се обидувавме овие цртежи да ги спасиме од пропаѓање, но поради недоволните финансиски средства, нашите намери да ги ревитализираме не добија и вистинска валоризација – вели Душан Ристоски, историчар и хроничар на Кичево и активен учесник во организацијата на оваа детска манифестација.

Стојмир Симјаноски, кој за жал веќе не е меѓу нас, еден од основачите на оваа манифестација, во повеќе наврати се обидуваше да изнајде решение за спас на овие цртежи. И самите жители на градот, нагласуваат дека би било убаво овој белег на Кичево повторно да блесне во стариот сјај.

– Не би сакале да веруваме дека овие цртежи засекогаш ќе се избришат, со што сметаме дека ќе се избрише и дел од историјата од овој идиличен период на нашиот град и дел од нашата младост – велат Горан, Владо, Зоран и Драге средовечни кичевци, кои се сеќаваат и биле дел од манифестацијата „Курирче“ и сведоци кога детските раце ги создавале овие дела. З.А.