На Крстовден традиционално почнува бербата на јаболка во Преспа

82

Со симболично откинување на првото јаболко во рамки на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска официјално почнува годинашната берба на преспанското јаболко.

На почетокот на бербата, што традиционално почнува на големиот христијански празник Крстовден, ќе присуствува градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски.

Во рамки на манифестацијата на градскиот плоштад „Цар Самоил“ ќе се одржи ликовна работилница наловена „Јаболко на хартија“ и саем на земјоделска механизација, а во општината ќе има трибина „Предизвици и придобивки од Европската Унија ориентирано кон земјоделство“. Настап ќе имаат учесниците на детскиот фестивал „Си – до“ и групата „Охридска чалгија“, а вечерната забавата ќе им биде препуштена на „Бени и Нон стоп“ и „Црвена јабука“.

Годинашниот, 18-ти „Преспански јаболкобер“ почна во вторникот со манифестацијата „Тринаесет песни за тринаесет Величествени“, а изминатите два дена публиката во Ресен имаше можност да проследи повеќе културни и забавни настани.