Најстарата текстилна фабрика во Битола заминува во историјата

2521
Фото: Васка М.Младеновска

Трикотажата „Пелистер“ беше последна од неколкуте познати битолски текстилни фабрики како што се „Хераклеја“, „Иднина“, „Битолатекс“, свиларницата „Илинден“ и „Мокел“, поради кои, во седумдесеттите години од минатиот век, Битола беше нарекувана македонски Манчестер

По речиси цел век работење уште една текстилна битолска фабрика заминува во историјата. Откако пред две години го преживеа стечајот и кога многумина ѝ предвидуваа натамошно успешно работење, трикотажата „Пелистер“ пред извесно време повторно замина во стечај. Доколку од страна на најголемите доверители не се прифати предлогот за повторно рестартирање, по сѐ изгледа дека и оваа најстара текстилна фабрика во Битола, која неодамна прослави 95 години од формирањето, ќе биде ликвидирана и, како и другите битолски текстилни фабрики, кои одамна заминаа во стечај, ќе биде продадена како старо железо.

Трикотажата „Пелистер“ беше последна од неколкуте познати битолски текстилни фабрики како што се „Хераклеја“, „Иднина“, „Битолатекс“, свиларницата „Илинден“ и „Мокел“, поради кои, во седумдесеттите години од минатиот век, Битола беше нарекувана македонски Манчестер. Инаку, трикотажата „Пелистер“ во последните денови од своето постоење вработуваше околу стотина работници, кои деновиве се веќе одјавени и повторно се најдоа на списокот на невработените лица. Почетокот на крајот на трикотажата „Пелистер“ почна откако пред неколку месеци, по барање од еден од доверителите, Стопанска банка АД Битола, машините на фабриката со извршители беа насилно исфрлени надвор од еден од погоните и така искршени беа оставени да ’рѓосуваат во фабричкиот двор.

Иронијата да биде поголема со исфрлањето на машините, не само што практично беше нарушен процесот на производство, туку по барање од извршителот, фабриката требаше да ѝ исплати над 70.000 евра на фирмата што ги отстрани машините. Сите настојувања на вработените процесот на производство да продолжи во импровизираните услови се покажаа како залудни и пред неколку дена повторно беше активирана стечајната постапка. Да потсетиме, трикотажата „Пелистер“ пред неполни три години по барање од поранешниот директор и сопственик на фабриката, Димче Стојановски, замина во стечај, а со одлука на одборот на доверители и стечајната судијка Снежана Дојчиновска на 25.5.2015 година, стечајната постапка беше прекината и фабриката беше рестартирана.

Рестартирањето на трикотажата „Пелистер“ пред нешто повеќе од две години не само што ги израдува вработените, туку внесе одредена доза оптимизам и кај другите фирми во Битола, кои се соочуваа со стечајни постапки, или веќе беа во стечај, дека со добро осмислена програма може да се преживее и надживее стечајот. Голем оптимист беше и стечајниот управник Владо Талески, кој на трикотажата „Пелистер“ ѝ предвидуваше светла перспектива и се надеваше дека производите на фабриката повторно ќе се најдат на странските пазари. Оптимизмот за кратко време се покажа како сосема оправдан и реален. Имено, откако претходно се ослободи од хипотеките на двете банки, Стопанска банка АД Битола и ТТК банка, кои за своите побарувања зедоа дел од имотот, со согласност на преостанатите доверители, беше прифатена програмата за преструктурирање и за прекинување на стечајната постапка. Од вкупно 200 работници, колку што работеа пред отворањето на стечајната постапка, на работа се вратија над 100 работници. Сите тие беа ангажирани околу производството на познатите конфекциски производи на оваа текстилна фабрика за пласман на производите на домашниот пазар, но и во странство, како во САД, Франција, Германија, Косово и во Турција.

– Во почетокот, не само кај нашите доверители, туку и кај најголемиот број деловни партнери имаше резерва кон нашиот план за преструктурирање. Некои не им веруваа на нашите амбиции и побараа да си ги наплатат побарувањата веднаш. Но имаше и такви што ни поверуваа и ни дадоа шанса да го обновиме процесот на производство и тоа за сите нас беше голем успех. Инаку, со програмата за преструктурирање и прекинување на стечајната постапка, доверителите се согласија на оваа текстилна фабрика, со речиси едновековна традиција и која е една од најстарите во Битола, да ѝ се даде грејс-период од шест месеци за наплата на побарувањата. Потоа менаџерскиот тим на фабриката се обврза долговите кон сите доверители, кои изнесуваа околу десет милиони денари, да ги врати во период од две години.

Ваквиот план за преструктурирање на фабриката одборот на доверители и стечајната судијка го оценија како сосема реален и се согласија да го реализираме. Конкуренцијата од кинеските текстилни компании е огромна, но квалитетот на нашите конфекциски производи верувам дека ќе ја добие битката со кинеските – објаснуваше тогаш стечајниот управник Владо Талески. Трикотажата „Пелистер“, според сите познавачи на состојбите во битолското стопанство, беше единствената фабрика што успеа да излезе од стечајот. Но минатата година беше кобна за вработените во фабриката. Почетокот на крајот се случи откако еден од доверителите побара да му се ослободи погонот каде што беа поставени машините за производство. Иако во фабриката настојуваа да се најде компромисно решение и тие погоните да ги користат под наем, сепак до тоа не дојде и минатото лето, по барање од извршителот, насилно беа отстранети машините.

Потоа сите настојувања да се направи нешто што ќе помогне фабриката да ја надмине состојбата беа залудни и деновиве вторпат ѝ беше ставен катанец на фабриката. Иако фабриката замина во стечај, засега никој од надлежните не ја утврди вината. И покрај поднесените неколку кривични пријави против поранешните први луѓе на фабриката, кои со своите постапки ја доведоа фабриката во исклучително тешка состојба, засега нема никаква кривичноправна разврска. Дали со продажбата на фабриката како старо железо, како што се случи со речиси сите текстилни фабрики во Битола, ќе се избришат и трагите на криминалот останува да се види во наредниот период.