Наскоро во употреба нова детска градинка во Кичево

66

Со средства од турската агенција за соработка и координација ТИКА, во кругот на училиштето „Санде Штерјоски“ во кичевската населба Пашино, е изградена нова детска градинка, чиј капацитет е за 120 деца до шестгодишна возраст.
Новата детска градинка беше завршена уште на почетокот на оваа календарска година, но беше дилемата дали со неа да стопанисува локалната самоуправа или некој друг. Сега, конечно е одлучено и оваа градинка да биде вклучена во системот на управување со преостанатите две детски градинки.

– Наскоро ќе биде ставена во употреба новата детска градинка изградена со средства на турската агенција за соработка и координација ТИКА. Новата детска градинка е со капацитет за 120 деца до шестгодишна возраст. Истата е целосно опремена и наскоро треба само да го решиме персоналното прашање и градинката да биде ставена во употреба. Карактеристично е што и оваа детска градинка ќе биде клон на најстарата детска градинка во Кичево „Олга Мицеска“, и сите три градинки во градот ќе функционираат со една управа. Отворањето на новата детска градинка во добар дел ќе го реши проблемот со недостиг од слободни места во постојните градинки, а свое прво вработување ќе најдат и дел од невработените лица – истакна Садик Ахмети, директор на детската градинка „Олга Мицеска“.