Населбата Баир светната и дезинфицирана

75

Баирот, особено на потегот на улицата Козјак, откако паметат и највозрасните баирчани, никогаш не бил почист.

Ѓубрето и депониите се веќе минато, а околните обраснати треви и несреденост не се поовеќе карактеристичен белег за изгледот на улицата Козјак.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, во населбата „Баир“ деновиве ја посети улицата, каде на терен, со претставници од УНДП и директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски, се сретнаа со лицата ангажирани преку проектот „Креирање можности за работа на сите – Главна фаза“.

Имено, четирите лица (од Ромска националност) беа ангажирани во тимовите за дезинфекција на јавните објекти и јавните површини во градот во рамките на ЈП „Комуналец“, како и во делот на грижа за чистотата и средување на јавните површини.

Градоначалничката Петровска посочи дека формулата за успех е секогаш во активностите да биде вклучено и локалното население, кое најдобро ги познава проблемите на жителите, а истовремено, заеднички, поттикнува на поголема грижа за колективната средина на живеење.

Таа воедно истакна дека ваквите активности ќе се реализираат и понатаму, од улица во улица, опфакајки сè поголеми делови од оваа населба.

Во рамките на реализација на проектот, екипа на УНДП на терен ги регистрираше активностите заедно со градоначалничката Петровска.

Општина Битола е дел од програмата за финансиска поддршка на невработено лице вклучено во активности, каде партенр е УНДП, кој обезбедува поддршка во рамките на мерката 6.2 јавни работи – СДЦ Компонента преку проектот и поддршка на Владата во спроведување на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2020 година.

M.M.