Наредната недела ќе се знае кој ја загадува Брегалница

886

Локален и државен инспектор за животна средина го истражуваат случајот со загадувањето на реката Брегалница во штипскиот регион. Пред два дена реката  беше обоена од тешки хемикалии, кои се користат во индустријата.

Сенка Андреева инспектор за животна средина во Општина Штип вели дека се земени мостри од пет фабрики во кругот на поранешниот комбинат „Македонка“. Токму и од колекторот за отпадни води кој го користат овие фабрики се испушти вода, која во првиот момент беше црвена, потоа сина и на крајот црна. Таа вели дека резултатите ќе се знаат наредната недела.

– Земени се мостри се вршат анализи, но во моментов не можеме да кажеме кој е конкретниот загадувач, додека не ги добиеме резултатите – вели Андреева.

Штипските риболовци веќе шестта година по ред реагираат на постојаното загадување на најголемата река на истокот, но како што велат не се преземаат мерки против оние кои ја загадуваат. Водата во реката Брегалница е од петта категорија. Засега грижа за поголема заштита на реката Брегалница и на нејзините притоки покажува швајцарската агенција за развој и соработка. Со нивни донации се изградија пречистителни станици во општините Берово, Карбинци и Чешиново-Облешево, во моментов се гради и во  Кочани, која е и најголема.  Штип засега нема пречистителна станица, но се надева дека преку донации и со помош на Владата нејзината изградба би започнала наредната година.