Над 200 учесници на планинско-велосипедскиот фестивал „Осоговска авантура“

128

Повеќе од 200 велосипедисти, планинари и рекреативци од цела Македонија учествуваа на планинско-велосипедскиот фестивал „Осоговска авантура“ што годинава вторпат се одржа на Осоговските Планини.

Организатори на настанот беа друштвото за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје и велосипедското здружение „МТБ Исток“ од Кочани, а целта е на рекреативците кои планинарат и спортуваат со планински велосипеди да им се доближат природните убавини на Осоговието и потенцијалите за планински спортови.

– За учесниците организиравме две тури со должина од 48, односно 38 километри, што се возеа со планински велосипеди или се пешачеа, согласно физичката подготвеност на поединците. Патеките беа на релацијата Пониква – Лисо Брдо – Крушка – Царев Врв – Пониква, единствени во Македонија со висинска елевација од 2.000 метри. Покрај турите, учесниците имаа можност да кампуваат, да бидат дел од забавната музичко-фолклорна програма и да ги пробаат локалните рецепти за подготвување храна – рече Панче Зафиров од Здружението „МТБ Исток“.

Според Зафиров, идејата е во иднина „Осоговска авантура“ да прерасне во етаблиран планински фестивал, не само во Македонија, туку и на Балканот.

Поддршка за тоа има и од општина Кочани, од каде во ваквите настани гледаат можност за промоција на потенцијалите на Осоговието за активен одмор и рекреација во поголемиот дел од годината.

– Осоговските Планини се одлични за планински велосипедизам, но и за параглајдерство, пеинт-бол, одење по јаже и други адреналински спортови – нешто што е неопходно за развој на активниот планински туризам. Соработката на општината со граѓанските здруженија ќе продолжи со цел заеднички да придонесеме Осоговијата да се најде на мапата на меѓународните настани од ваков вид – рече градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

За следната година се планира на планинско-велосипедскиот фестивал „Осоговска авантура“ да бидат поканети учесници и од соседните земји, со што тој ќе прерасне во меѓународен и ќе може да се бара поголема финансиска поддршка од домашни и странски извори.