Наградата на Битолски весник „Тоде Петрески“ за Блаже Докуле

105

Добитник на годинашната награда за новинарство на Битолски весник, која го носи името на еден од доајените на битолското и македонското новинарство, Тоде Петрески, е карикатуристот и сатиричарот Блаже Докуле.
Ваква одлука донесе денеска попладне редакцијата на Битолски весник, која веќе 16 години традиционално, посмртно ја доделува оваа награда „Тоде Петрески“.
Карикатуристот Блаже Докуле, кој над 4 децении е постојан соработник во Битолски весник, е доајен на битолските и македонските карикатуристи, кој зад себе има извонредна пет децениска кариера.
Тој е добитник на бројни домашни и меѓународни награди и признанија.
Во својата богата кариера нацртал над 50 илјади карикатури, цртежи, илустрации, стрипови…
Покрај тоа што се занимава со цртање карикатури, тој пишува афоризми, хуморески, колумни.
Досега има освоено над 50 награди и учествувал во над 200 меѓународни и домашни фестивали на карикатурата.
Добитник е на наградата за новинарство на Битолски весник на манифестацијата „Најуспешни битолчани“ и Општинското признание 4 Ноември.
Наградата „Тоде Петрески“ на Блаже Докуле, во присуство на членовите на семејството Петрески, ќе му биде врачена петок, на 29 мај.
Инаку Тоде Петрески ненадејно почина на 30 мај 2004 год.
Тој долги години беше дописник на Радио Скопје од Битола.
Како новинар неколку години беше уредник на Дојче Веле во Келн, Германија, а и на белградскиот дневен весник „Политика“.
Долги години Тоде Петрески беше соработник на Битолски весник.
М.М.