Македониците од Пустец со претседателот Мета го одбележаа празникот Огнена Марија

83

Македонците од општина Пустец, Мала Преспа, го одбележаа патронот на манастирот „Света Марена“ во Туминец.

На денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена-Огнена Марија, заедно со Македонците беше и претседателот на Албанија,Илир Мета, кој го честиташе, како што рече, овој свет ден и запали свеќа за здравје.

Поздравувајќи ги присутните верници, нагласи дека за кус временски период повторно е во општина Пустец, но оти денеска е со посебен повод, а тоа е одбележувањето на патронот на црквата, која „ги обединува граѓаните со природната, духовната и човечката убавина и доблест“.

– Честит да е овој многу значаен ден, ден кога вие сите се молите за подобра иднина, кога вие сите заедно барате помош од Света Марена, за еден подобар живот, за мир, здравје во вашите семејства, за многу повеќе радост и среќа. Огромно е задоволство да се види толку многу народ денеска, посебно толку многу млади, кои ги негуваат градициите, кои некогаш беа забранети, млади кои сега гледаат со толку верба во иднината,рече Мета.

Пред верниците, кои беа дојдени не само од селата на Мала Преспа туку и од подрачјето на Корча, Ресен и Прилеп, посочи дека секогаш се чувствува пријатно и гордо меѓу „прекрасната македонска заедница“ и вети дека тоа ќе го прави многу често.

– Вие сте прекрасна заедница, мирољубива и трудољубива, која заслужува една подобра иднина. Да ни е напомош на сите нам за подобра иднина Светата великомаченица Марена. За Пустец, за Албанија, за Македонија  и за нашиот прекрасен соживот. Убавини и добрини секогаш, рече Мета, кој ја посети и пештерската црква „Света Богородица“ во Туминец.

Тој во селото Глобочани  положи свежо свеќе на споменикот на еден од најпознатите албански писатели со македонсо потекло, Стерјо Спасе и му оддаде почит.

Мета беше придружуван од претставници на локалната власт на Пустец, а средби имаше и со жителите од овој крај.