„Лето без пожари-2018“ во Општина Кичево

182

На барање на Подружницата на македонски шуми „Лопушник“-Кичево, а во соработка со полициската станица од овој град, денес се одржа состанок на сите структури од општина Кичево, за превенирање и заштита од пожари во претстојниот период.

Покрај претставниците од шумското стопанство и полицијата, на состанокот беа присутни и претставници од ДЗС, ЦУК, Општина Кичево, ТППЕ-Кичево и други. Во текот на наредните неколку дена полицијата и шумското стопанство ќе добијат флаери со препорака „Лето без пожари-2018“. Овие флаери ќе му бидат поделени на месното население и на сите оние кои престојуваат во шумата, со цел да се превенира и заштити од можни пожари.

– На барање на Подружницата на ШС„ Лопушник“ а во координација со ПС-Кичево и сите структури во општината одговорни за превенција и заштита од пожари, денес одржавме состанок под мотото „Лето без пожари-2018“.Од ШС „Лопушник“ ни беше најавено дека деновиве ќе ги добиеме флаерите, со препорака, како луѓето да се однесуваат во шумите, да не користат запалки, да не палат оган, односно да не фрлаат опушоци и догорчиња и други средства, со кои можат да предизвикаат пожар. Овие флаери ќе им бидат поделени на сите оние кои живеат блиску до шумата и на оние кои често престојуваат таму. Од шумското стопанство ни беше речено дека сите оние кои во текот на летото имаат потреба за престој во шума, ќе треба да добијат посебни дозволи, со кои ќе можат да влезат во шумските појаси во нашата општина, а една таква дозвола за цело лето ќе чини околу 500 денари – рече Гоце Јованоски, инспектор по превенција во ПС Кичево.

Ова е вторпат со помош на превентивни флаери да се едуцираат граѓаните да помогнат во заштита од шумски пожари. 

З.А.