Климатизерите го прегреаја системот за аплицирање за инвертери

184

По неколку месеци одложувања, пролонгирања и барање критериуми по кои ќе бидат распоредувани парите за субвенционирање инверетери, во петокот битолчани почнаа да аплицираат. Поради големиот интерес мошне брзо откако започна наддавањето, падна компјутерскиот систем на Општината, па аплицирањето беше прекинато и по неколку часа продолжи. Субвенцијата за купување клима-уред е до 1.000 евра по домаќинство, а целта е со ова да се заменат печките на тврди и фосилни горива, кои граѓаните ги користат за затоплување на домовите.
Општинарите објаснија дека тоа што системот паднал не е само поради огромниот интерес на граѓаните, туку и поради тоа што некои од нив нецелосно ги следеле инструкциите дадени во упатството за аплицирање и ги мултиплицирале барањата – со секое ново го поништувале претходното. Неофицијално, бројот од 2.500 домаќинства, колку што е предвидено да добијат субвенции, е надминат уште по првиот ден.

Општина Битола ќе додели 2,5 милиони евра за оваа намена, пари што преку АД ЕСМ ги обезбеди Владата. Максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател носител на домаќинство изнесува 55.800 денари во нето-износ (62.000 денари во бруто-износ со данок на личен доход) и истиот тој може да се искористи за надоместување на трошоците за набавка и монтажа на еден или повеќе високоефикасни клима-уреди.
Распределбата на парите по овој јавен повик ќе се врши врз основа на уредна и комплетна документација, според редоследот на поднесување на пријавите, при што првенство при распределувањето на средствата ќе имаат барателите носители на домаќинства што живеат во една од утврдените зони каде што, според некои мерења, се смета дека е најголемо загадувањето на воздухот.
Тие зони се централното градско подрачје 1, 2, 3, 4 и 5, урбаните заедници Даме Груев, Јени Маале 2, Боримечка, Североисточна зона, Ушици, Баир, Девеани, Станбена заедница 3, 4, 5, 6,7 и 8 – област Маџар Маало, Горно Оризари и Стрелиште.

Секој добитник на субвенција, пред исплатата на средствата за субвенција, задолжително ќе треба да достави до Општината изјава заверена на нотар дадена под материјална и кривична одговорност дека се обврзува да ѝ ја предаде без надомест на Општина Битола печката на тврди или фосилни горива што ја користел за затоплување на станбениот простор. Токму овој услов натера деновиве голем број битолчани, кои во претстојната зима сакаат да се греат со инвертери, а немаат печки на дрва, да бараат не само во Битола туку и во соседните општини да купат стари печки. Па затоа многу битолчани коментираат дека големиот интерес за добивање субвенции за купување клима-уреди ја подигна цената на старите печки на дрва.

Јавниот повик за аплицирање трае до 2 октимври, кога точно ќе се знае колку битолски домаќинства аплицираа за добивање субвенции за купување инвертери. Но како што стојат работите, нивниот број ќе биде многу поголем од предвидените 2,5 милиони евра, колку што треба да бидат им доделени на 2.500 домаќинства.