Кичевската коњаница „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“ тргна на Илинденскиот марш

464
Фото: Зоран Антоски

По петти јубилеен пат, кичевската коњаница „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“ тргна на Илинденскиот марш, од манастирот чие име и го носи и по шестдневен пат по Кичевско, Демирхисарско и Крушевско ќе се придружи на прославата на најголемиот македонски празник, Илинден. Петнаесет коњаници од Кичево и Демир Хисар се дел од оваа коњаница. Тие утринава во манастирот присуствуваа на светата божествена литургија, положија заклетва и го избраа војводата на коњаницата, што ќе ја предводи на патот до илинденско Крушево.

Фото: Зоран Антоски

– Утринава кичевската коњаница „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“ го започна Илинденскиот марш, откако во манастирот чие име го носи коњаницата, присуствуваме на светата божествена литургија, положивме заклетва, го избравме војводата на коњаницата, за годинава е тоа Иле Кочоски и преку селото Србјани се упативме кон Кичево каде се споивме со Мавровската коњаница и потоа заедно се упативме во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ каде примивме благослов од свештенството, запаливме свеќи, се помоливме за здравје и го продолживме својот пат кон село Козица, кој нѐ води преку селата Другово, Пополжани, Видрани, Брждани и Свињишта. Во селото на славниот војвода Јордан Пиперката, ќе биде организирана комитска вечер, како и во сите преостанати места каде што ќе ноќеваме – рече Станоја Станојоски, еден од основоположниците на Кичевската коњаница.

Фото: Зоран Антоски

Во наредните денови учесниците на Кичевската и Мавровската коњаница ќе го продолжат патот преку Велмевци и Брезово и во понеделник вечерта ќе пристигнат во село Сопотница, каде ќе биде организирана комитска вечер. На 30 јули коњаниците од Сопотница ќе се упатат кон Демир Хисар каде ќе имаат свечено дефиле во градот и пречек од страна на градоначалникот од каде преку селата Граиште и Сладуево ќе упатат кон село Журче, каде и ќе ноќеваат. На 31 јули двете коњаници од село Журче ќе се упатат кон градот Крушево а во предвечерјето ќе се спојат со Скопската коњаница и ќе влезат во градот. За први август е планирано свечено дефиле низ градот Крушево а на големиот 2 август – Илинден поаѓање кон Мечкин Камен и учество во манифестацијата 10 дена Крушевска Република. Дел од учесниците во годинешната Кичевска коњаница беа присутни во истата и претходните неколку години, а тоа се Христијан Трајаноски, Станоја Станојоски и Иле Кочоски – годинешниот војвода.

Фото: Зоран Антоски

З.А.