Кичево бележи енормно аерозагадување

84
Фото: Зоран Антоски

Тукушто започна грејната сезона и затоплувањето на домовите, Кичево од старт бележи високи вредности на аерозагадување, кое во текот на вчерашното попладне се искачи на 830 ПМ10 честички на метар кубен, што е повеќе од 16 пати над нормала. Пред една недела во Кичево беа измерени 950 ПМ честички на метар кубен, а може само да се претпостави какво ќе биде аерозагадувањето кога ќе паднат температурите и ќе има магл и врнежи од дожд и снег.

– Нашиот град бележи енормно аерозагадување. Синоќа околу 20 часот во нашиот град беа измерени 830 ПМ10 честичи на метар кубен. Очигледен факт е дека аерозагадувањето во највисок процент е поврзано со затоплување на домовите со фосилни горива. Затоа највисоките вредности се бележат во раните вечерни часови кога интензитетот на ложење во домаќинствата е најголемо.

Високото аерозагадување му годи и на коронавирусот и, затоа во овие периоди од денот постарите и хронично болните е препорачливо да не излегуваат на отворено – вели Коце Наумоски, екологист.

Поради високото аерозагадување во градот, се зголемува и бројот на инфицирани со ковид-19, како и болни од сезонски грип. Последиците од загадениот воздух, во уште поголема мерка, допрва ќе се почувствуваат.