Иселувањето на младите забрзано ги празни училиштата во земјава

939
Фото: Зоран Антоски

Забрзаното иселување на младите е проблем со кој се соочува целата наша земја. Бројот на жители во речиси сите села и градови забрзано се намалува, а најочигледен показател за тоа е бројот на новороденчиња и запишани првачиња. Во тој поглед, не е исклулок и една од посиромашните општини во земјава, Македонски Брод. Во оваа општина бројот на постојани жители постојано опаѓа, што се рефлектира и врз бројот на првачињата и учениците воопшто.

– Последните 15 години во нашата општина забрзано се одвива иселувањето, пред сѐ на младите. Најголем број на млади заминуваат во главниот град или во странство. Токму иселувањето на младите во репродуктивниот период придонесува бројот на првачиња постојано да опаѓа. Така, годинава во нашата општина запишани се вкупно 34 првачиња од кои две во село Самоков, едно во село Манастирец и 31 во градот. Само за споредба минатата година запишани се 50 првачиња, а пред само пет години нивниот број изнесуваше 70. Ако продолжи овој тренд, не е далеку времето кога во нашата општина ќе имаме првачиња само за едно одделение – вели Гоце Стојаноски, директор на ЦОУ „Свети Климент Охридски“.

Стојаноски покрај иселувањето на младите, намалувањето на бројот на првачињата го лоцира и во се поголемиот број на млади кои не се во брак а се веќе во поодминати години.

– Покрај иселувањето на младите, втора причина за намалување на учениците во нашата општина  е сѐ поголемиот број на млади кои се неженети. Во еден период имавме доста невести од Албанија чии деца веќе пораснаа, сега имаме се помалку такви случаи и затоа бројот на ученици е сѐ помал а училиштата се сѐ попразни – додаде Стојаноски.

З.А.