Инфоден за користење на мерките од ИПАРД-програмата

93
Фото: Игор Бансколиев

Секторот за управување со ИПАРД-фондовите при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска, со почеток во 11 часот, во салата на советот на општината Кочани организира инфоден за спроведување и користење на инструментот за претпристапна помош на Европската Унија за рурален развој – ИПАРД 2014-2020.

На средбата ќе се дискутира за ИПАРД-можностите за македонските рурални средини, односно за мерките вклучени во ИПАРД-програмата 2014-2020: мерката 1 се однесува на примарно земјоделско производство, мерката 3 е за преработка на земјоделски производи и мерката 7 за диверзификација на фарми и развој на бизниси.
Фокусот ќе биде ставен на мерката 3, инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, а во зависност од интересот, присутните ќе бидат информирани и за поединечни мерки.

На средбата, исто така ќе биде образложена и постапката пред Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за користење средства од ИПАРД 2014-2020, за што е распишан јавен повик, а ќе бидат претставени и примери на успешно реализирани проекти од претходни јавни повици.