Интензивна инфраструктурна активност во општина Пласница

65
Фото: Зоран Антоски

И покрај проблемите со коронавирусот и намалените приливи во локалниот буџет, сепак во општина Пласница изнаоѓаат начин како да обезбедат доволно средства, за да продолжи интензивната инфраструктурна активност, која е во полн ек последните неколку месеци. Вршителот на должноста градоначалник на оваа општина, Елсан Нурчески, е целосно посветен на подобрување на условите за живот на граѓаните во оваа општина и општинскиот центар Пласница.

– И покрај постоечките проблеми со ковид-19, во нашата општина со полн интензитет се одвива инфраструктурна активност. Така, во општинскиот центар се градат улици со помала должина од 380 метри, каде ќе бидат вградени 1.360 метри бекатон плочки. Средствата за оваа инвестиција се обезбедени од Бирото за регионален развој. Инфраструктурни зафати се одвиваат и во соседното село Преглово, каде на улици со должина од 529 метри, ќе бидат вградени 2.130 метри квадратни бекатон плочки. Средствата за оваа намена се обезбедени од Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. И во двата случаи ширината на патиштата изнесува 3,5 метри. Покрај подобрувањето на патната инфраструктура, во село Преглово во полн ек е изградбата на нов водовод со должина на цевководот од 4,5 километри. Завршувањето на овој капитален проект, во значителна мерка ќе придонесе проблемите со вода за пиење конечно и засекогаш да бидат надминати. Сите зафати се очекува да бидат завршени за дваесет дена – истакна Нурчески.

Изведувачи на работите на овие проекти се „Несмин Комерц“ во село Пласница и „Евро-Анче“ во село Преглово. З.А.