Инспекторите конечно на терен – ќе се открива кој го загадува воздухот

107

Поради зголеменото загадување и квалитетот на амбиенталниот воздух, Владата издаде насоки на дејствување до одредени надлежни институции и направи распределба на инспекциските надлежности на инспекциските служби за животна средина на централно и локално ниво.

Во наредниот период овластените општински инспектори за животна средина, комуналните инспектори, како и градежните инспектори, ќе вршат вонредни инспекциски надзори во инсталациите што подлежат на Б-интегрирани дозволи и елаборати за животна средина, секаде каде што има значителни емисии во амбиенталниот воздух.

Воведени се двосменски дежурства за што е направен распоред на расположивите човечки ресурси (инспектор за животна средина, комуналени инспектори и други службени лица од Инспекторатот) за попладневни дежурства и дежурства во деновите од викендот, при што е потребно постојана придружба, односно тимска работа заедно со униформираните лица од Полициската станица од општа надлежност на МВР Битола.

– Општинскиот инспекторат во Битола постојано дејствува на терен и веќе се преземени конкретни активности за лицата што се затекнати на самото место како палат стрништа, а во дел од случаите на терен дејствувала и територијалната противпожарна единица. Општина Битола, со цел да се намали загадувањето на амбиенталниот воздух, а истовремено секој да даде свој придонес кон оваа појава, апелира до граѓаните на општина Битола за огрев во своите домови да не користат гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла за индивидуално затоплување, паркети, стари дограми итн. Користењето несоодветни средства за огрев е штетно не само за околината туку и за воздухот и загадувањето во нивните домови, кое директно влијае врз сите членови на семејството.

Општина Битола ги потсетува граѓаните дека е забрането палење стрништа и оган на отворен простор. Лицата што ќе се затекнат како палат оган на отворен простор или, пак, поади невнимание предизвикале пожар, подлежат на законски санкции. За намерно предизвикување пожари, претстојат кривични пријави и предвидени се глоби и законски казни. Општина Битола е во постојана комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈП „Национални шуми“ во насока на превентивно дејствување и спречување појава на шумски пожари. Доколку граѓаните забележат каква било опасност од пожар или какво било прекумерно загадување на животната средина, да се јават во Општинскиот инспекторат во Битола – се вели во соопштението.