Изработена екосликовница за децата до осумгодишна возраст

37

БОГДАНЦИ

Ако на најмладите од најрана возраст им се вкоренат вредности што придонесуваат за развивање љубов кон природата, животните и растенијата, тие ќе се развијат во личности што се однесуваат со почит кон природата, ја користат како извор на ресурси за живот, но со иста мера возвраќаат, ја негуваат и чуваат нашата животна средина. Здружението за развој, едукација и еколошка етика „Полимат 13“ од Богданци, во рамките на проектот „Екоразиграна сликовница“, изработи сликовница за деца до осумгодишна возраст. Секое дете што посетува градинка или е ученик до трето одделение во некое од основните училишта на територијата на општината Богданци ја доби на подарок сликовницата „Пчеларска тетратка“.
Здружението изработи и видеозапис од сликовницата, кој има толкување на знаковен јазик и на тој начин ќе допре и до дечињата со оштетен слух, на кои здружението преку заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ од Битола им подари сликовници и УСБ-мемории со видеото од сликовницата. Проектот е финансиски поддржан од Мрежата за рурален развој, Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (СИДА) и фондацијата „Ви ефект“.
Љ.А.