Изложба на Адем Сулејманоски во Центарот за култура во Дебар

91
Фото: Зоран Антоски

Денес во изложбениот салон од Центарот за култура во Дебар, ќе биде отворена изложба на Адем Сулејманоски, академски сликар од овој град, кој на изложбата ќе се претстави со 19 дела, од кои десет дела мозаици изработени од природен камен во техника, директен мозаик и девет слики изработени во три техники, масло на платно, акрил на платно и комбинирана техника.

Од Центарот за култура во Дебар се презадоволни што културните случувања и во период на пандемија се во пораст и се поразновидни.

– На наше големо задоволство за релативно краток период и во време на пандемија со коронавирусот, ќе отвориме уште една изложба, овој пат на академскиот сликар Адем Сулејманоски, со кого и претходно сме имале успешна соработка. Покрај денешната изложба којa ќе биде отворена до 25 септември, во текот на октомври ќе ги реализираме и 11-тото издание на детскиот фестивал „Радика фест“, концерт на македонска народна музика „ДИ-Фест“, како и други културни случувања. Културните случувања што ќе ги спроведеме во наредниот период се дел од годишната програма и истите финансиски се подржани од Министерството за култура на РСМ – истакна Зинче Мимидиноски, директор на Центарот за култура во Дебар.

Инаку, Сулејманоски досега се има претставено со свои самостојни изложби во повеќе градови во земјава и странство, а бил дел и од повеќе групни изложби дома и надвор. За истакнување се самостојните изложби во Сион-Швајцарија, Ниш и Петроварадин-Србија, изложбите организирани во Куршумли Ан во Скопје, Центарот за култура во Гостивар, Домот на култура во Ростуше, Дебар, како и во Пешкопеја – Албанија, Сребреница – БиХ и Врање, Србија. Сулејманоски е директор на ОУ„ Хајан Селмани“ во с.Ростуше.