Изградена фекална и атмосферска канализација на Партизанска

278

БИТОЛА

Улицата Партизанска, која ја поврзува Нова Битола со градот и која важи за една од најфреквентните, деновиве доби целосно нова фекална и атмосферска канализација. Станува збор за голем инфраструктурен зафат за реконструкција на канализациската мрежа. Фекалната канализација е сменета во должина од 577 метри, а атмосферската во 560 метри. Посебен проблем за изведувачот на работите беше реконструкцијата на фекалната канализација, бидејќи требаше да се сменат цевките на длабочина од 7,5 метри. Причините за големите длабини на фекалната канализација беа премините под Стрежевскиот канал и преминот под отворениот канал на реката Курделес, кој ги опфаќа атмосферските води од брусничко-лавчанските населби 1 и 2.

– За изведба на ваквите големи длабочини е потребно доста време, како за ископите, така и за засипување на истите канали, со потребно набивање и добивање на потребната збиеност. Потребно е да се добие стабилна подлога за да се асфалтираат улиците и во текот на нивната експлоатација да немаме деформации минимум во наредните десет години – вели директорот на ЈП „Нискоградба “, Методи Силјановски.
Сега, откако ЈП „Нискоградба“ ги заврши изведбените работи со реконструкција на фекалната и атмосферската канализација и се направени приклучоците на станарите од околните згради, улицата Партизанска треба да биде тампонирана и по „легнувањето “ на тампонот таа ќе биде асфалтирана.

Од локалната самоуправа велат дека, според договорот што го има потпишано главниот изведувач на работите, фирмата „Жикол“ од Струмица и Министерството за транспорт и врски, реконструкцијата на улицата Партизанска целосно треба да заврши во текот на идниот месец. Инаку, вкупната инвестиција на оваа улица изнесува 581.000 евра, од кои 355.000 евра се од буџетот на Општина Битола, а преостанатите 226 илјади евра од Министерството за транспорт и врски.