Изгореа ли и плановите за реконструкција на „Копанки“

1337
Фото: Васка М. Младеновска

Само во случај доколку ПСД „Пелистер“ ѝ го отстапи домот на општината, дали под концесија или во владение, тие ќе можат со пари од буџетот истиот тој да го реконструираат

Кога пред повеќе од пет години, поточно на 29 јануари 2013 година речиси до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“, сите надлежни институции и ненадлежни поединци, здруженија, клубови, планинарски друштва од Битола и пошироко ветија негово експресно санирање и реконструирање.
Веќе наредниот ден по пожарот, додека пламените јазици сѐ уште ги голтаа опожарените греди, комплетното општинско раководство, со стручен тим на архитекти, геометри, правници, економисти, урбанисти, градежници и други експерти, предводени од сега веќе бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талески, го посетија опожарениот планинарски дом и ветија негова експресна реконструкција.

– Констатиравме стопроцентно уништување на објектот што ќе треба целосно да се расчисти за успешно да се реконструира. Објектот во моментов е заштитен и се истражува, а од денеска, врз основа на сите законски надлежности, ќе преземеме мерки за санација на планинарскиот дом. Потребна е изработка на проект за реконструкција со финансиски план за како општина да понудиме максимална и конкретна помош. Штетата е голема бидејќи се однесува и на имиџот на едно од најголемите обележја на Пелистер што поврзува многу генерации со многу пријателства – изјави во јануари 2013 година на Пелистер, бившиот градоначалник Талески.

За да ја докаже својата цврста решеност целосно да го обнови и реконструира планинарскиот дом, општинското раководство веднаш порача да се изработи проект за изградба на новиот планинарски дом, кој нешто подоцна ѝ беше презентиран на јавноста.
Покрај општината Битола, своја несебична помош тие денови најавија и многубројни љубители на планината, институции, здруженија, клубови… Во изминатите пет години, пред секои избори, реконструкцијата на „Копанки“ беше топ тема на која се лепеа сите политички партии.
Иако оттогаш поминаа цели пет години од реконструкцијата на планинарскиот дом засега нема ништо. На „Копанки“ сѐ уште можат да се видат последиците од пожарот. Од домот останаа само камењата и темелите. Овој дом, кој беше еден од симболите на Битола, сега како да сведочи за негрижата на Битола и за многубројните лажни ветувања и мегаломански планови за неговата обнова.

Обновата и реконструкцијата на домот беше и едно од прашањата, кои деновиве, за време на посетата на премиерот Зоран Заев на Битола, му го поставија битолчани.
– Јас дадов насоки со планинарското друштво да се реши сопственоста, зашто формалноправно треба да се издаде одобрение и да ги обезбедиме парите. А има интерес за донирање и за помагање, оти тоа е богатство на Република Македонија, на битолчани – рече премиерот Зоран Заев.
Ваквата изјава на Заев во извесна смисла ги збуни битолчани и членовите на планинарското друштво „Пелистер“.

– „Копанки“ е сопственост на планинарското друштво „Пелистер“ и на никој друг. За тоа ние поседуваме од катастарот и имотен лист. Откако изгоре домот пред пет години, цели четири години упорно докажувавме дека тој е наша сопственост, на планинарите, кои во далечната 1936 година носејќи камења на раце го изградија домот. Дури по пет години одење од врата на врата, успеавме да го легализираме домот и да добиеме имотен лист дека тој е наш. Затоа сега нѐ чуди зошто треба да ѝ го префрлиме на општината за таа да ни помогне да го реконструираме – вели првиот човек на ПСД „Пелистер“ Диме Попов, кој притоа нагласува дека планинарскиот дом мора да се реконструира исклучиво како што беше во планинарски дом и дека никој не треба да помислува на неговите темели да гради хотел.

На ваквите тврдења на Попов, од општинската администрација велат дека додека домот се води како имот на планинарското друштво, тие со буџетски пари не можат да интервенираат за неговата реконструкција. Само во случај доколку ПСД „Пелистер“ ѝ го отстапи домот на општината, дали под концесија или во владение, тие ќе можат со пари од буџетот истиот тој да го реконструираат. Оттаму информираат дека пред извесно време имале разговори со раководството на ПСД „Пелистер“, но не нашле заеднички јазик, бидејќи планинарите не сакаат да се откажат од неговата сопственост.

И додека планинарите и општинската администрација се надмудруваат кој и под кои услови треба да го реконструира планинарскиот дом, во срцето на националниот парк „Пелистер“ стојат само неговите пеплосани остатоци.