Изгаснат пожарот кај Лешница, сѐ уште активен на Добра Вода

154
Фото: Зоран Антоски

Благодарение на сувото време без врнежи од дожд, пожарите оваа есен се редовна појава во кичевијата. Во петокот беа активни пожарите кај село Лешница и во близина на село Ќафа на планината Добра Вода. Од двата пожари сѐ уште е активен пожарот на Добра Вода, каде што гори букова и дабова шума.

– Од пожарите кои во нашиот регион беа активни изминатиов викенд, сѐ уште не е изгаснат пожарот на планината Добра Вода над селото Ќафа, каде што гори букова и дабова шума, додека целосно е изгаснат пожарот кај село Лешница, каде што беше опожарена површина од околу три хектари, а гореше дабова шума. Овој пожар е изгаснат благодарение на екипите на ШС „Лопушник“ кои вложија максимални напори истиот да биде ликвидиран. Инаку во овој период од годината, бројот на пожарите најчесто се намалува, но годинава благодарение на сушниот период нивниот број е во пораст, а во пораст се и направените штети предизвикани од овие пожари – вели Емин Емини од ПО на ДЗС Кичево.

Иако деновиве започна затоплувањето на домовите во Кичево, а со тоа се зголемува и аерозагадувањето во градот, мониторинг-станицата која го мери загадувањето на воздухот во Кичево су ште не работи и од тие причини граѓаните не се во можност од прва рака да бидат информирани колкави се вредностите на ПМ10, ПМ 2,5 и останатите штетни честички кои ги мери оваа станица.