Изгаснат пожарот кај Букојчани, локализиран кај Манастирско Доленци

329
Фото: Зоран Антоски

Од пожарите кои во кичевско беа активни во изминатите два дена, пожарот кај село Букојчани е целосно изгаснат, додека големиот пожар кај село Манастирско Доленци е локализиран и поради сушата истиот будно се следи за повторно да не се реактивира и да се прошири на останатиот дел од шумскиот појас.

-Пожарот кај село Манастирско Доленци кој избувна пред два дена, по натчовечки напори на екипите на ШС „Лопушник“, доброволци од блиските села и од Битола, како и луѓето од манастирот е ставен под контрола и во овој момент крај опожарената површина дежураат шест работника од „Лопушник, кои на самото место ја следат состојбата, за да не дојде до негово реактивирање и натамошно ширење. Благодарение на ангажманот на горе споменатите лица и екипи, спречено е пожарот да се прошири до манастирот „Света Богородица Пречиста Кичевска“ кој и не е така далеку од опожарената површина. Пожарот кој беше активен кај село Букојчани е целосно изгаснат благодарение на навремената интервенција на ТППЕ Кичево и голем број на доброволци од селото – информираа од РЦУК Кичево.

Оттаму додаваат дека гасењето на пожарот кај село Манастирско Доленци било отежнато и поради тешко пристапниот терен на кој не можело да се делува со противпожарни возила, туку единствено со машини и соодветен алат, вили, лопати или копачи.

З.А.