Змии забележани по паркови, дворови, па дури и во домови

812
Топлото време ги раздвижи змиите и по патиштата и улиците

Кичево

Во Кичево и околината граѓаните сѐ повеќе го забележуваат присуството на змиите, а се појавуваат во двориштата, на патиштата, на улиците, во парковите и во неколку случаи змии се забележани и во домовите, но, за среќа, барем засега нема каснувања на луѓе. Топлото време во континуитет придонесува рептилите да се појавуваат сѐ почесто, а оние што се видени се и доста поголеми и дури во поретки случаи биле забележани и примероци поголеми од три метри.

За сѐ почестото присуство во дворовите на луѓето ни потврдија повеќемина граѓани, кои се исплашени за своите деца, но и за себе. Сѐ потоплите зими и глобалното затоплување придонесоа бројот на змиите во природата од година на година да биде сѐ поголем и забележливо е нивното поголемо присуство покрај и во човековите живеалишта. Херпетолозите велат тие цела зима биле неактивни и сега невообичаено високите температури за овој период од годината им даваат можност да бидат раздвижени, па така тие бараат храна или пак се парат.

– Во оваа куќа живееме над 50 години и ова е втора година едноподруго како во двориштето забележавме присуство на смок. Откако смокот нѐ забележа се скри во тревата, но ние бевме упорни го пронајдовме и го отстранивме од дворот. Најголемо внимание посветуваме на прозорците од долниот кат, каде што истите тие стојат отворени само во наше присуство, во спротивно не можеш да претпоставиш дали во домот ќе влезе и некоја змија – вели Томе, жител во една кичевска населба, сѐ уште под импресии од средбата со смокот.

Ако змиите се присутни во населбите во Кичево, уште поприсутни се во руралниот дел. Повеќемина граѓани, кои коселе поголеми тревни површини, велат дека просто е неверојатно колку змии има во природата и мора да носат високи чизми за да не бидат каснати од опасните отровници. И само на една ливада забележале десетина змии и смокови. Локалното население смета дека можеби и драстичното намалување на добитокот е причина плус, бидејќи нема кој да ги пасе тревата и ситните растенија, а тоа овозможува уште поголемо присуство на рептилите во делови каде што и не биле присутни во толкава мера.

Тревата и ситните растенија велат дека дополнително им ја зголемуваат погодноста за живот и им служат како нови прибежишта и живеалишта.
Деновиве имаше информации дека и во соседните земји биле забележани змии, како африканската випера на Косово, вид змии што како трајно живеалиште досега ги имале појужни територии. Но херпетолозите велат сѐ повисоките температури ја прават Европа да биде нивни нов дом.