Згрижувањето деца во градинките се одвива без проблеми

65

ГЕВГЕЛИЈА

Без проблеми се одвива згрижувачкиот процес во детските градинки во општината Гевгелија, откако повторно беа отворени на 9 септември. Објектите работат во согласност со протоколите и со примена на сите заштитни мерки од ковид-19. Директорката на градинката „Детска радост“, Елизабета Стефановска, вели дека здравјето на децата е во преден план.
Во градинките во општината се згрижуваат 440 дечиња, во согласност со просторните и условите пропишани со протоколите. Приоритет им беше даден на децата на самохрани вработени родители и на децата на кои двајцата родители се на работа, без можност за работа од дома. При приемот на децата, на сите вработени, родителите што ги донесоа децата и на самите деца од страна на вработените им се мери температура, вработените носат задолжително маски, а се води сметка и за потребната дистанца. Претходно, а и во текот на работењето, се врши редовна дезинфекција на објектите, за да бидат задоволени сите заштитни мерки.

– Децата се радосни и повторно им се вратија на предвидените активности. Исто така и нивните родители, така што на некои од нив им излеговме во пресрет за усогласување на работните обврски и носењето на децата. Речиси немавме реакции од родителите, кои го прифатија задолжителното прегрупирање на децата. Имено, бројот на децата во групите е намален, во групите за јасли се згрижуваат до шест деца, а во групите за градинка до 15 деца – објаснува Стефановска.
Во сите шест градинки, три во Гевгелија и другите во Негорци, Миравци и Богородица, работењето се одвива вообичаено, според новите здравствени услови.