Зголемен бројот на питачи на улиците во Тетово и Гостивар

69

Последниве десетина дена зголемен е бројот на на питачи низ тетовските и гостиварските улици. Најчесто пред верските објекти и на пазарите можат да се забележат претежно малолетни деца и жени, но и повозрасни мажи, како питачат, а многу често дел од нив влегуваат и во угостителски објекти и други јавни објекти барајќи пари од гостите или вработените. Се смета дека се користи ситуацијата кога во градовите се присутни печалбарите како и празникот Курбан Бајрам со цел надевајќи се на емпатија и добивање пари од нив.

Од СВР Тетово потсетуваат дека питачењето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и за ваков вид прекршок е предвидена глоба од 15 до 50 евра.

Оваа општествено-асоцијална појава пред се кај децата може да се реши само системски, вели Драги Змијанац од Детската амбасада Меѓаши. Според него Министерствата за труд и социјална политика и образование како и полицијата се клучни за решавање на ваквата алармантна состојба со злоупотреба на детскиот труд.

-Децата од социјално ранливите категории треба да добијат бенефиции, односно бесплатно да се вклучат во градинка со цел да стекнат други вештини и навики. Да добијат основно образование и на тој начин да не се искористува нивната неписменост. Доколку бидат во градинка нема да се искористува нивниот труд. Исто така барем еден од родителите треба да биде вработен зошто со социјална помош нема егзистенција. Исто така да се обезбеди кров над глава и да се следи како се остварува родителско право. Доколку потоа се утврди дека детето се присилува на питачење, крајна мерка ќе биде одземање на родителското право, односно згрижување на детото во дом или згрижувачко семејство – вели Змијанац.

Злоупотребатa на деца заради питачење подразбира и кривична одговорност. Родителите или други лица кои непосредно ќе ги инволвираат своите или други, најчесто малолетни деца во питачење или на било каков поинаков начин ќе ги запуштат и злоупотребат, ќе се соочат со кривична одговорност и со затворска казна од најмалку пет години, велат од СВР Тетово.

А.С.