За Светскиот ден на извидништвото собрани 28 единици на крв

148

Под мотото „Направи добро дело, дарувај крв“ и по повод на Светскиот ден на извидништвото 22 февруари, извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, во соработка со ОО на Црвениот крст од овој град, организира крводарителна акција при која се собрани 28 единици на крв од сите крвни групи, меѓу крводарителите се наоѓаат и поголем број на извидници од овој одред.

Бројот на крводарители членови на извидничкиот одред ќе беше и поголем, но поради младоста на поголемиот дел извидници, поточно немањето навршени 18 години одзивот беше нешто помал.

– На традиционалната петта по ред крводарителна акција која нашиот извиднички одред ја организира по повод Светскиот ден на извидништвото 22 февруари и, која се одвиваше под мотото „Направи добро дело дарувај крв“ , беа собрани 28 единици на крв, а меѓу лицата кои даруваа крв се наоѓаат и членови на нашиот одред. Оваа акција ја спроведовме во соработка со Општинската организација на Црвениот крст од нашиот град и Заводот за трансфузиона медицина. Инаку одбележувањето на Светскиот ден на извидништвото ќе го заокружиме утре кога во вечерните часови со свечената заклетва во кампот на одредот, заклетва ќе положат новите членови, вкупно 40, или со новите членови нашиот извиднички одред ќе има вкупно  120 извидници. Во кампот ќе биде запален и логорски оган и во таков автентичен амбиент, ќе протекне целокупната свеченост и одбележувањето на овој  наш ден – рече Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред Мирко Милески од Кичево.

Инаку претходните години извидниците спроведоа и повеќе еколошки акции за чистење на падините на планината Илиница , која се надвиснува над самиот град Кичево.