За полесно движење се бара јавен превоз во Тетово

852

Неколку десетина активисти на невладини организации од Тетово со перформанси и протестен марш го изразија незадоволството од тоа што во градот не функционира јавниот превоз. Учесниците на протестот се собраа на градскиот плоштадот и маршираа до зградата на општината. За да илустрираат потешкотии во движењето во Тетово симболично користеа колички кои се употребуваат во градежништвото, а имаше импровизирано направен автобус од платно.

-Ова е почеток на повеќе вакви настани, преку кои ќе до надлежните ќе се адресираат проблемите во градот. Преку различни инсталации и слично ќе покажеме дека во Тетово фалат паркови, јавен превоз и многу други работи. Во Тетово има два универзитети и многу возила, луѓето тешко се движат. Се надеваме дека ќе допреме до надлежните. Потребен му е на Тетово јавен превоз зошто ќе го намали метежот и ќе се олесни движењето и пешки – рече Гзим Османи, од организацијата.

И лицата со посебни потреби велат дека нивното движење е ограничено зошто покрај немањето општински превоз и објектите на институциите немаат пристапни рампи.

-Даваме поддршка на ваков протест зошто со јавниот превоз ќе се олесни нашето движење – рече Гадаф Мемеди.

Се смета дека во Тетово на дневна основа гравитираат околу 200 илјади луѓе.

А.С