Засадени 1.500 садници за ревитализација на речната вегетација на Брегалница

280

Во рамки на акцијата за пошумување под мотото „Засади топола и врба и сочувај ги крајречните шуми долж Реката Брегалница – 2019“ во организација на Македонско еколошко друштво и како дел од Програмата за зачувување на природата денеска близу штипското село Софилари беа зададени 1.500 нови садници со топола и врба.

Акцијата е дел од повеќегодишна проектна активност за ревитализирање на речниот
вегетациски појас на Реката Брегалница и со цел превенција од поплави и ерозија. Пошумувањето се организираше во соработка со Општината Штип, Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈП „Национални шуми“ а денеска садеа голем број на ученици, студенти и извидници од Скопје и Штип.

На настанот за пошумување се обратија и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, како и градоначалникот на општина Штип,  Благој Бочварски.

– Илјада и петстотини садници ќе бидат засадени покрај реката за да може да се обезбеди екосистемската услуга а тоа се крајречните шуми. Овој екосистем обезбедува заштита на речниот брег од ерозија, заштита од поплави, прочистување на водата и зачувување на пределот. За да се осигура овој екосистем да биде во добра состојба, почнуваме со ревитализација и тоа е дел од националната Стратегија за биолошка разновидност и Стратегијата за заштита на природата кои беа усвоени од оваа влада на Република Северна Македонија – изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макадули.

Според градоначалникот на Општина Штип, особено е важно што повеќе институции и образовни установи се вклучија во оваа масовна акција за ревитализација на речната вегетација на Река Брегалница.

– Не само декларативно, туку реално и суштински треба да се зафатиме со заштита на животната средина и затоа можам да упатам еден повик до граѓаните дека секој може да даде свој придонес и заради тоа и ги повикувам секој во својот домен и можности да дава придонес и да направи нешто за нашата животна средина – изјави по настанот градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

На акцијата за пошумување учествуваа ученици од три основни и три средни училишта од општина Штип, студенти од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од Скопје, студенти од Природно-математичкиот факултет од Скопје, извидници од ИО „Еквинос“ од Штип, како и претставници на партнерските организации на Програмата и други заинтересирани институции.

Овој настан е дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.