Завршни подготовки за карневалот „Ѕвегорска Сурова”

146

Во делчевското село Ѕвегор течат последните подготовки за василичарскиот обичај „Сурова”. Според организаторите на карневалот, веќе се подготвени околу 100 маски кои низ селото ќе продефилираат на 14. јануари за време на празникот Василица. Делчо Гошев, еден од кумовите на „Ѕвегорска Сурова” вели дека ова е традиција која датира од пред 100 и повеќе години.

– Како што ни кажувале нашите предци ова е обичај кој влече корени од дамнина. Во нашето село бил поголем бројот на турско население, православното население живеело на повисоките места. Тие се симнувале во Ѕвегор за време на Василица да изразат почит кон дел од населението кое живеело во Ѕвегор и затоа обичајот се спроведува рано наутро на празникот кога маскираните ги правеле обичаите, вели Гошев.

Вториот кум на „Ѕвегорската Сурова” Антонио Цветковски вели дека најзначајната маска на карневалот во село Ѕвегор е маската на невестата.

– Маската на невестата за време на изведување на обичаите никако не смее да биде откриена. Обичаите исто така налагаат „суроваскарите” да одат од куќа на куќа при што домаќините ги опслужуваат со топла ракија, пивтија при што учесниците изговарајки го зборот „Сурова” на домаќините им посакуваат Среќна Нова година при што се верува дека на тој начин ги бркаат злите духови, појасни Цветковски.

Откако ќе се посетат сите куќи во селото како што велат организаторите невестата се води на селската чешма каде пие вода, а потоа на завршна манифестација вечерта се делат даровите и се открива нејзиниот идентитот при што прима дарови од страна на присутните.

За успешна реализација на карневалот кој е бренд на Пијанец и годинава со своја поддршка се вклучи Општина Делчево.

Во рамки на организирање на овој настан како и секоја година општината одвојува од својот буџет средства со кои ќе се покријат одредени намирници за учесниците.

Пред одржувањето на карневалот „Ѕвегорска Сурова” дел од учесниците гостуваат на реномираниот карневал во општина Симитли, каде со свои маски достојно го претставуваат пијанечкиот обичај пред граѓаните на Република Бугарија.