Завршени градежни работи за изградба на Центарот за опоравување од катастрофи во Прилеп

118

Завршија градежните работи за изградба на Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп (ИКТ Центар), што е во рамки на проектот финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија.

Денеска во посета на овој ИКТ Центар, кој ќе биде значаен за грижата за безбедноста и заштитата на податоците во нашата земја беше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој посочи дека Европската Унија овозможува реализација на многубројни проекти со што МВР добива значителна поддршка при спроведување на реформските процеси, како и голема материјална поддршка, со што видливо се подобриле човечките, техничките и инфраструктурните капацитети неопходни за неговото ефикасно работење.

Градежните работи за ИКТ Центарот започнаа на 15 март 2018 година со имплементација на договорот за „Градежни работи за воспоставување на Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата“, во вредност од речиси 3,4 милиони евра.

-Со изградбата на овој објект, кој е од исклучителна важност како за МВР, така и за другите државни институции, сакаме да бидеме подготвени за да обезбедиме функционирање на виталните информациски системи во случај на евентуално онеспособување на примарниот информатички систем поради природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор. Во работењето на овој центар, покрај МВР можат да земат учество сите државни институции кои имаат таква потреба, согласно законските надлежности – рече министерот Спасовски.

До јуни 2020 година треба да завршат и двете други фази за овој капитален проект, опремувањето и едукацијата на вработените, со што за неговото ставање во функција ќе бидат вложени околу 11 милиони евра.

МВР во моментов реализира уште два ИПА проекти, кои имаат за крајна цел целосна функционалност на Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата. Во рамки на ИПА програмата за 2014 година, во тек е проектот за „Набавка на опрема за имплементација на Системот за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата и модернизација на ИТ инфраструктурата во седиштето на Министерството за внатрешни работи – Лот 1“. А во рамки на националната ИПА програма за 2015 година, започната е имплементацијата на рамковниот проект „Имплементација на систем за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата – фаза 2“, кој има за цел да ги воспостави процедурите за функционирање на Центарот и секако, да обезбеди обука за вработените.

Изградбата на Центарот, што е прв случај во поширокиот регион, е многу значајна бидејќи се добива модерен современ објект во делот на информациско-комуникациските технологии и безбедноста на податоците.

Ка.М.