Жителите на Лабуништа повторно излегоа на протест

94

Жителите на струшкото село Лабуништа денеска излегоа на протест на локалниот пат Лабуништа – Боровец. На протестот беше посочено дека блокади ќе има и во наредните денови, а доколку не се реализираат нивните барања, тие се подготвени и за порадикални мерки.

– Каменоломите го загадуваат воздухот што го дишеме, полето на кое произведуваме храна е целото бело од прашина, а ни се уништуваат и живеалиштата бидејќи многу од куќите на крајот на селото веќе се испукани од бројните минирања поради вадењето камен. Ние сме мирољубив и културен народ, но многу сме лути што не се презема ништо против проблемот со кој се соочува село Лабуништа- рече Алим Салоски, претседател на еколошкото друштво „Натура лаб“.

Жителите немаат никаков одговор од надлежните служби и планираат да протестираат се додека не им се реши проблемот.

Жителите на Лабуништа и околината и претходно неколкупати протестираа против концесиите, сметајќи дека природните убавини од подножјето на планината Јабланица се под закана. Од месноста Стрижак се снабдуваат со вода населбите Јабланица, Боровец и Лабуништа, а од оваа вода зависат 15.000 жители.