Жбогар го посети Офицерскиот дом во Битола

129

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, заедно со градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска и министерот за локална самоуправа Горан Милески, денеска извршија проверка на градежните активности кои се во тек во Офицерскиот дом.

Градоначалничката Петровска го информираше амбасадорот Жбогар дека имајќи
ги предвид сите околности во кои се одвива реконструкцијата, а кои се поврзани со
состојбата со коронавирусот, задоволна е од динамиката со која се реконструира овој објект од големо културно-историско значење за Битола.

Петровска нагласи дека, во моментот се изработени околу 60 отсто од договорните услуги за адаптација на објектот. Поставени се дел од плочките, вентилацијата, дел од парното греење, дограмата, а се работи и на фасада. Истовремено, се работи проект за партерното уредување на Офицерскиот дом, на целата површина заедно со дворното
место.

Амбасадорот Жбогар и градоначалничката Петровска, разговараа и за идејните решенија за понатамошна функционална употреба на објектот.

Проектот за реконструкција на Офицерскиот дом се реализира во рамките на
потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку
реставрирање и адаптирање на Офицерски Дом заедно со партерно уредување“. Проектот го изработи Општина Битола и доби подгрант средства од ЕУ во рамките на
подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од
ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија, администриран од Светска банка.

Вкупната вредност на договорот со Проектот за локална и регионална
конкурентност (ПЛРК) изнесува 58.792.610 денари, каде 52.913.349 се средства на
ПЛРК, a 5.879.261 денари се средства од буџетот на Општина Битола. М.М.