Еколошка акција „Дај свој придонес – засади дрво” во Битола

84
Фото: Васка М.Младеновска

Во општина Битола се спроведува втората фаза од акцијата „Дај свој придонес-засади дрво” по иницијатива на „Интерворкс” во која се вклучија локалната самоуправа, јавното претпријатие „Комуналец” и неколку битолски компании.

Денеска, на првиот ден на пролетта во Градскиот парк се засадија садници кои освен што ќе го разубават паркот, придонесуваат за почиста животна средина.

Во акцијата, ќе бидат засадени површините во сите основни училишта, градинките, Зоолошката градина, ЈЗУ „Трифун Пановски”, како и дел од Градскиот парк.

-Во оваа фаза ќе бидат засадени приближно 2800 садници од кои повеќе од илјада на јавна површина, а дел кај Клиничката болница во делот кај Онкологија. Останатите садници од следната недела ќе им бидат доделени на физички и правни лица што ќе можат да ги засадат садниците во нивните дворови. Акцијата ќе продолжи на есен- изјави Јасмина Антиќ – Атанасовски од „Интерворкс”.

Директорот на ЈП „Комуналец”, Панде Богоевски рече дека еко центарот што беше ставен во функција ја има целта да се координира и дава логистичка поддршка на секоја иницијатива што доаѓа од училиштата, градинките, институциите, невладиниот сектор, приватниот сектор во Општина Битола.

-Целта е јасна, со ваквите акции се подигнува јавната свест на граѓаните како да се однесуваат кон животната средина. На средби со неколку урбани заедници граѓаните иницираат чистење на диви депонии, но истовремено и уредување на нивните зелени површини пред станбените згради. Од големо значење е засадените садници да се одржуваат- посочи директорот на ЈП „Комуналец” – Битола, Панде Богоевски.