Фото: Игор Бансколиев

ВЕЛЕС

Во периодот од 16 до 22 септември, во соработка со здруженија на граѓани, јавни институции, поединци и општествено одговорни компании, тим од Општина Велес реализира по една активност секој ден, со што ја одбележува годинашната Европска недела на мобилноста.
– Во рамките на оваа недела ќе има драматизација, едукативни и интерактивни работилници за деца и млади, кои го промовираат велосипедот како алтернативно превозно средство, организирање велотура до езерото Младост, зголемување на бројот на велопаркинзи на три локации на езерото Младост, продолжување на проектот за ставање во функција на памп трак во Градски парк. Со тоа младите, но и сите заинтересирани, љубители на велосипедското возење и адреналинските активности не само со велосипед туку и на ролери, тротинети, скироли и друго, добиваат нова спортска и рекреативна содржина што ја дополнува целината на Градскиот парк – информираат во Општината.
Исто така, партнерите на проектот обезбедија донации од велосипеди, топки и друг вид спортски реквизити, наменети за градинката „Димче Мирчев“ и основните општински училишта. В среда, на 22 септември, Меѓународниот ден без автомобили ќе биде одбележан со интерактивна програма за учениците од основното училиште „Васил Главинов“.
– Општина Велес ја информира јавноста дека во претпладневните часови, сообраќајот на дел од улицата Никола Карев привремено ќе биде пренасочен (делот на улицата Никола Карев од крстосницата на спојот со улицата Д-р Христо Татарчев, односно пред ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“). Активностите започнуваат во 8 часот. Поради тоа, упатуваме апел до жителите од околните станбени објекти да ги отстранат своите возила од овој дел на улицата – велат оттаму.