Дуетот Селимова-Желчески добитник на наградата за животно дело „3-ти Ноември“

160

Дуетот Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески е добитник на наградата за животно дело Златна плакета, што општина Прилеп ја доделува по повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето. Наградата на дуетот му се доделува за достигнувања во промоција на македонската музика од Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, која покрај наградата за животно дело, додели и пет плакети и осум дипломи.

Претседателот на комисијата Тони Камчески денеска на прес-конференција информираше дека со Третоноемвриски плакети ќе бидат наградени прилепскиот „Ротари клуб“ за придонес во заедницата со изразено хуманитарна активност; Здружението „Ромска солза“ за посебен придонес кон општествениот интегритет на ромската заедница и другите маргинализирани групи, „Центарот за современа ликовна уметност“ за шестдецениското уметничко творештво и промоција на Прилеп низ делата на уметниците во земјата и странство, Џудо клубот „Сеишин“, за достигнувања во областа на спортот и 15 годишнината од неговото постоење и ПСЗ „Козјак“, кое 80 години придонесува во развојот на планинарството и планинарските спортови.

Награди дипломи „Трети ноември“ на денот на одбележувањето на празникот на градот ќе им бидат врачени на Рубин Белчески, за неговиот општествен ангажман во областа на историјата, на доктор Владо Ѓорѓиески за посебни достигнувања во медицината, на Димитрија Чучуроски за посебен ангажман во занаетчиството и за одржувањето на Саат кулата, на Сузана Николоска за достигнувањата во областа на образованието, на Драгомир Михајлоски-Пижа, за неговото творештво во областа на ликовната уметност, на Теодора Ристеска за постигнувања во џудо спортот и освоените 15 медали во текот на последната година, Снежана Паноска за достигнувања во областа на литературата и пишаниот збор и објавените три збирки со поезија и на Валентина Пурдеска за постигнатите резултати во карате спортот.

Изборот на награди е од пристигнати 35 апликации.

Ка.М.