Дуално образование по германски модел

109

КАВАДАРЦИ

Министерката за образование и наука Мила Царовска во придружба на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и претставници на Делегацијата на германското стопанство во Македонија го посетија средното стручно училиште „Киро Спанџов Брко“, каде што се реализира дуално образование по германски модел.
Овде трета година успешно се спроведува дуално образование во соработка со германската компанија „Дрекслмајер“. Учениците што го завршуваат ова образование имаат можност да добијат сигурно вработување во оваа компанија.
Од говорницата, пред учениците од третата генерација, како и пред гостите, градоначалникот Јанчев посочи дека ова е добар модел за да се произведат профили што се бараат на пазарот на трудот. Овој тип образование, истакна тој, создава кадар што квалитетно и соодветно може да одговори на работните задачи во компаниите. Министерката Царовска рече дека стручното образование продолжува и во услови на пандемија како одговор на потребите на стопанството за квалитетен и добро обучен кадар.
Директорот на училиштето, Драги Ташев, е задоволен од досегашната соработка со „Дрекслмајер“ и нагласи дека нивното училиште е прво во земјава каде што започна да се спроведува дуално образование. Проектот за дуално образование го поздрави и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.