Дуално образование во СУ „Ристе Ристески-Ричко“

68
Учениците со обуката добиваат превоз, храна, хонорар и сертификат

Средното училиште „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп потпиша меморандум за соработка со делегацијата на германското стопанство во земјава, со што се официјализираат досегашната и понатамошната соработка. Станува збор за соработка по однос на проектот за дуално образование, кој е во организација на делегацијата на германското стопанство, а во корелација и поддршка од Центарот за стручно образование и обука, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука. Проектот ги вклучува и партнер-компаниите „Гентерм“, ВИК и „Витаминка“, каде што учениците ќе ја изведуваат практичната обука.

– Во ова училиште започнува со имплементација нашиот проект, односно двата профила што ги промовираме. Тоа што е заедничко и ново за целиот овој проект, е зголемување на практичната настава и тоа што учениците ќе ја имаат можноста да се запознаат со производствените процеси во текот на нивното учење. Среќни сме што заедно со ВИК, „Гентерм“ и со „Витаминка“ направивме основа за развој на самото образование на учениците, вклучувајќи ги тука теоретската и практичната настава – вели Патрик Мартенс, директор на делегацијата на германското стопанство.
Средното училиште „Ристе Ристески-Ричко“ лани ја започна соработката со делегацијата на германското стопанство во Македонија.

– Годинава тоа резултира со запишување ученици во две паралелки, кои ќе го стекнат своето знаење по таканаречениот германски систем на дуално образование, што подразбира покрај теоретската настава во училиштето, практичната обука да ја изведуваат во компании од реалниот сектор. Има две струки: една за техничари за индустриска мехатроника, како образовен профил од електротехничката струка и една од машинската струка, како образовен профил од техничар за производно машинство. Имаме поголем процент на практична обука во компаниите, каде што учениците ќе бидат прифатени од страна на ментори, кои се сертифицирани за обука на ученици. Со тоа учениците во текот на обуката добиваат превоз до компанијата, храна, хонорар и сертификат. Значењето на овој проект за нас како училиште го потврдува и фактот што СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ е едно од петте училишта во нашава држава во кои се спроведува овој проект за дуално образование – вели Билјана Трајкоска, директорка на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“.

Целта на проектот е да се продуцираат дефицитарни кадри на пазарот на трудот, кои по завршување на образовниот процес веднаш ќе бидат работно ангажирани од развиените македонски и компании со странски капитал во државата. Со мерката ќе се надминат досегашните слабости на образовниот процес, кои продуцираа суфицитарни кадри, за кои нема потреба на пазарот на трудот. Пилот-проектот, освен во Прилеп се спроведува и во Кавадарци, Велес, Битола и во Охрид.