Дрва нема ни за лек

835
Фото: Игор Бансколиев

Кога пред нешто повеќе од две години, новата локална самоуправа на Битола, предводена од градоначалничката Наташа Петровска, размислуваше како да се справи со енормното загадување на воздухот во градот под Пелистер, беше ангажирано регионалното здружение на географи „Геосфера“, кое врз основа на нивните согледувања и истражувања требаше да понуди решенија за намалување на загадувањето на воздухот.

Притоа, испитувањата покажаа дека влажните дрва што се користат за затоплување на домовите емитираат околу седум до осум пати повеќе ПМ-честички од сертифицираното дрво. Токму затоа една од препораките на здружението „Геосфера“ беше битолчани да обезбедуваат огревно дрво во текот на летните месеци, кога дрвата се суви, а не во ноември или во декември.

– Од направените анализи се констатира дека во Битола над 62 проценти од домаќинствата се греат на дрва. Тоа не е проблем доколку дрвата со кои се греат битолчани не се со висок процент на влага, кои создаваат големо количество ПМ-честички. Според нашите согледувања, влажните дрва придонесуваат во воздухот да има над 70 проценти од емисиите на ПМ-честичките.
Голем број граѓани ни се жалеа дека им ги носат дрвата во ноември, па дури и во декември, што е причина за огромното емитирање на ПМ-честички – тврдеше тогаш Мите Ристов, претседател на „Геосфера“.

За намалување на загадувањето тогаш од „Геосфера“ предложија домаќинствата да добиваат сертифицирано дрво, односно дрво со малку влага и во најголем дел од летните месеци.
– Само со примена на една од мерките, односно достава на сертифицирано дрво со низок процент на влага во летните месеци, ќе се намали загадувањето на воздухот во градот за најмалку 50 проценти – уверуваше тогаш Мите Ристов.
Тоа што пред две години го кажуваше Ристов, граѓаните на Битола, особено повозрасните, одамна го знаеја, бидејќи отсекогаш домаќинствата што се греат на дрва, огревните дрва ги купуваа главно во летните месеци и ги оставаа надвор да се „допечат“.

Иако најголемиот број битолчани водени од таквите укажувања на „Геосфера“ навреме си уплатија за огревни дрва преку синдикалните организации и Здружението на пензионери, сепак многумина од нив останаа без дрва.
– Јас уште на почетокот од годината уплатив за 12 метри огревно дрво и го платив предвреме. Но до денес немам добиено дрва и сега наместо да ми донесат дрва ми ги враќаат парите назад бидејќи наводно не можеле да ми донесат – ни вели еден од многуте измамени битолчани.

Поради ненавременото снабдување со огревно дрво од шумските претпријатија во Битола се жалат и голем број битолчани, кои уплатија за дрва преку синдикалните организации.
– Мислам дека ова ни беше последен пат да се ангажираме како синдикално раководство да им обезбедуваме дрва на нашите вработени. Веќе и мене ми е непријатно да ги лажам вработените, кои сѐ уште немаат добиено дрва – се жали претседателот на синдикатот на една позната битолска компанија.
За непријатната состојба со нередовното снабдување со огревни дрва, деновиве расправаше Здружението на пензионери во Битола.

Според зборовите на претседателот на здружението Томе Димитровски, иако ги имаат навреме платено, голем број пензионери сѐ уште немаат добиено огревни дрва.
– Здружението на пензионери со години ги снабдува пензионерите со огревни дрва. Ние кога во 2018 год. дојдовме како ново раководство затекнавме една ситуација што навистина не беше добра. Но, за жал, таа состојба продолжи и во 2019 година и добар дел пензионери сѐ уште немаат добиено дрва, иако одамна ги имаат платено.

Пензионерите си ја извршуваат својата обврска, ги плаќаат дрвата, но доставата секогаш доцни. Таа работа мора во 2020 година да прекине и шумските претпријатија треба да водат сметка за пензионерите, бидејќи тие немаат од каде навреме да набават огревно дрво. Какви договори ќе бидат склучени во 2020 година останува да се договориме – вели Томе Димитровски, претседател на Здружението на пензионери од Битола.
Инаку ова не е првпат во Битола, не само пензионерите туку и други битолчани, иако навреме ги имаат платено дрвата преку шумските претпријатија да немаат добиено дрва дури и во зимските месеци.

Тоа што најмногу ги погодува битолчани е што и по три години од смената на власта, во „Македонски шуми“ во Битола сѐ уште нема директор на подружницата.
Досега се сменија дури тројца директори, а претпријатието работи со вршители на должност директори, кои, пак, се жалат дека доцнењето со достава на дрвата е пред сѐ поради немањето доволен број сечачи на дрва. Сечачите на дрва се во моментот најдефицитарни. Едноставно ги нема, велат во подружницата во Битола.
Поради ваквите состојби, голем број од битолските домаќинства се преориентираа на затоплување со електрична енергија, што во голема мера го празни нивниот семеен буџет.
Во ваква ситуација залудни се покажаа укажувањата на здружението на географи „Геосфера“ дека за да се намали загадувањето на воздухот во Битола граѓаните треба огревни дрва да снабдуваат во летните месеци.