Донација на амбулантно возило од Германската амбасада за прилепската болница

80

Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп денеска доби донација на амбулантно возило од амбасадата на СР Германија преку НВО „Центар за граѓански иницијативи“. Новото амбулантно возило е со целосна високо стандардна медицинска опрема.
Заменик амбасадорот на германската амбасада Ото Граф ја потенцираше добрата соработка со општина Прилеп, која ќе продолжи со цел унапредување на здравствената заштита и услуга.
– Од повеќе страни имаме слушано дека транспортот на пациентите во Северна Македонија е проблематична, слаба точка на здравствениот систем и затоа сме среќни што ја имавме таа можност и овој фонд да го поддржиме Прилеп со едно санитетско возило. Се надеваме дека овој мал придонес ќе им помогне на граѓаните во овие специфични состојби со Ковид пандемијата, но посакувам всушност да не се употреби и никој да нема потреба од него – изјави Ото Гра.
Директорот на Општата болница во Прилеп, д-р Драги Богоески посочи дека донираното возило ќе помогне во решавање на проблемот со транспортот на потешко болните пациенти, кои имаат потреба од транспорт за натамошно лекување во клиниките во Скопје.
– Пациентите од Општина Прилеп ќе бидат навремено транспортирани, квалитетно транспортирани до соодветните клиники во Скопје, со што ќе им се обезбеди квалитетна здравствена заштита – изјави Драган Богоески.
Ка.М.