Долготрајната суша го претвори езерото Козјак во пустина

3895

Четиримесечната суша што владее во земјава, придонесе помалите извори целосно да пресушат а реките кои се традиционално полноводни, да се претворат во мали рекички. Така и екстремно малиот доток на реката Треска, која го храни со вода најголемото вештачко езеро во земјава Козјак, придонесе ова езеро да се претвори во пустина, и наместо езерска акумулација, истото денес наликува на река.

– Сушата која во нашиот регион владее полни четири месеци, придонесе најдлабокото вештачко езеро во земјава Козјак речиси целосно да пресуши. Водата се повлече од сите страни и ако се посети овој локалитет ќе забележите пустински предел, од каде што целосно е повлечена водата и испукана глината, а низ езерската шир останала само една река. Ако продолжи сушата, на рибниот фонд во езерото му претстои големо изумирање, бидејќи во оваа состојба ниту има доволно вода, храна и кислород за преживување на рибите, од кои дел се и поголеми примероци. Да се молиме на Господ да се промени хидролошката состојба и полека езерото да почне да наликува на претходните години, кога беше полно до врвот на браната – информираа жители од Порече.