Директорот на БЈБ Тасевски во посета на ОВР Прилеп

150

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски, како што информираа од МВР, денеска го посети Одделението за внатрешни работи Прилеп. При тоа, се вели во соопштението, тој остварил работна средба со раководството на оваа организациона единица на која присуствуваа и двајцата началници од СВР Битола.

Тасевски бил информиран за актуелната безбедносна состојба на подрачјето на надлежност на ОВР Прилеп, а особен акцент бил ставен на подготовките на полицијата во пресрет на претстојните парламентарни избори и нивно безбедно одвивање. 

Директорот Тасевски нагласил дека сите полициски службеници треба да постапуваат максимално професионално и согласно законските надлежности и обврски, укажувајќи дека е неопходно за сите евентуални незаконитости или нарушувања на изборниот процес да има ефикасна и брза разрешница, особено во поглед на кривичните дела. Потребно било бескомпромисно, неселективно и законито постапување а се со цел изборите да минат во најдобар можен ред.

Директорот на БЈБ Тасевски бил информиран дека безбедносната состојба е мирна и стабилна, и дека интензивно се работи на расчистување на инцидентот во кој што беше фрлен молотов коктел во дворот на семејната куќа на командирот на ПС Прилеп, односно на откривање на сторителите.

Во таа насока денес до ОЈО Прилеп е поднесена и кривична пријава против едно лице за упатување закани по социјалните мрежи кон командирот на ПС Прилеп.

Ка.М.