Десет минути дожд, поплава во Кичево

423

За граѓаните на Кичево, се чини, врнежите од дожд претставуваат најголема непријатност, бидејќи и при најмали врнежи, улиците се претвораат во мали реки, а сообраќајот тешко се одвива. Најголем проблем имаат пешаците кои со големо внимание поминуваат по тротоарите, од страв да не бидат натопени и испрскани од калливата вода од коловозите.

Проблемот лежи во немањето атмосферска канализација на повеќето градски улици, а каде што ја има, таа е или затната, или има недоволна пропустна моќ. Тоа го потврдија и денешните краткотрајни врнежи од дожд, кога по само неколку минути повеќето сообраќајници се наполнија со вода и им требаше подолго време за да се исушат.

– Немањето на квалитетна и добро обмислена инфраструктура во градот и пред се недоволната атмосферска канализација, придонесуваат после секој, па и при најмал дожд, улиците да се претворат во вистински рекички, а движењето по тротоарите да претставува непремостлив проблем. Така, по денешните краткотрајни врнежи, повеќето улици беа под вода во подолг период, таму ризикот за безбедно движење на пешаците е многу голем, а на поедини возачи како да им е хоби со голема брзина да поминуваат по заезерените делови и како да уживаат кога ќе ги испрскаат недолжните пешаци. Се чини, дека барем засега, на овој проблем не му се посветува доволно внимание, и покрај тоа што последните реконструкции на улиците донекаде ја подобруваат состојбата. И така, во нашиот град покрај кучињата скитници и аерозагадувањето, немањето на атмосферска канализација претставуваат трите носечки проблеми – вели Митко Петкоски, екологист од Кичево.

З.А.