Дезинфекција во сите училишта

31

КАРПОШ

Овластената фирма за дезинфекција, дезинсекција и дератизација што ја ангажира Општина Карпош продолжува со дезинфекција на преостанатите девет основни општински училишта, пред почетокот на наставната година од 1 октомври.
– Минатата недела беше целосно дезинфицирано основното училиште „Лазо Трповски“ во Карпош 3, а дезинфекција, дезинсекција и дератизација ќе продолжи и во училиштето „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4, „Аврам Писевски“ во Бардовци и во „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Карпош 1 – велат во општината.
Целосно се дезинфицирани и просториите на училиштата „Јан Амос-Коменски“ во Тафталиџе 1 и „Братство“ во Тафталиџе 2. Вчера е прскано и во „Војдан Чернодрински“ кај Млечен, како и во училиштето „Владо Тасевски“ во Козле и во „Вера Циривири-Трена“ во Карпош 2.

Се предвидува целосната дезинфекција, дезинсекција и дератизација во основните училишта во Карпош да заврши во четврток, 24 септември, односно една недела пред да почнат учениците со наставата.
Инаку, Општина Карпош спроведува сеопфатна дезинфекција во предучилишните и училишните установи секои шест месеци во годината, а годинава имавме и вонредна дезинфекција во март, поради вонредната состојба со пандемијата. Намерата на локалната самоуправа е сите установи безбедно да ги пречекаат учениците во новата учебна година и да им обезбеди здрави и хигиенски услови за престој и за работа.