Две семејства од Пласница се вселија во домовите изградени од хумани соселани

589

Семејствата на Раим Насуфоски и на Муамер Горалија од селото Пласница, деновиве се вселија во новоизградените куќи што се подарок од хуманите гастарбајтери од ова село. Тие издвоија повеќе од 40.000 евра за да им обезбедат покрив над главата на своите посиромашни соселани. Двете семејства велат дека ќе го паметат овој јануари додека се живи, бидејќи ветената помош од страна на соселаните и Општина Пласница во целост е исполнета.
Инаку, иницијатива за изградба на овие куќи на двајцата соселани произлезе од Советот на Општина Пласница, која беше едногласно прифатена од страна на советниците, по што акцијата започна. Локалната самоуправа обезбеди парцели за изградба на овие куќи, а изградбата во целост ја финансираа печалбарите од ова село. По само шест месеци, новите куќи беа целосно подготвени да ги примат нивните идни станари и сопственици.

– По наша иницијатива, на две семејства од селото Пласница со нерешено станбено прашање им се изградени целосно нови домови. Едното семејство е тричлено, а другото е петчлено. Тие повеќе нема да мораат да се грижат дали нивниот дом прокиснува или дали покривот ќе им се сруши над главата. Гастарбајтерите од нашето село едногласно се договорија да издвојат дел од својата заработувачка и на тој начин на своите соселани трајно да им обезбедат квалитетен дом. Домовите се опремени и со нов мебел, бела техника и сѐ што му е неопходно на едно семејство за нормална живејачка. Оваа практика за помош на посиромашните семејства од нашата општина ќе продолжи и понатаму – рече Елсан Нурчески, советник во Општина Пласница.
На сопствениците на домовите ова им е остварување на сонот.

– Немам зборови со кои можам да им се заблагодарам на моите соселани што работат во странство, за мене да изградат нова куќа, која засекогаш ќе биде и мојот нов дом каде што не морам да се грижам дали прокиснува покривот или има некој друг проблем. Јас како посиромав човек не можев ни да сонувам за вакво нешто, но благодарение на моите хумани соселани сонот стана јаве. Сега единствена грижа ни е да го чуваме нашиот нов дом, да обезбедиме дрва за огрев и да продолжиме нормално да живееме – со солзи во очите рече Муамер Горалија, кој живее од социјална помош.