Дали Битола ќе остане енергетски град?

127
Фото: Васка М. Младеновска

Во Битола, како традиционално енергетски град, деновиве завладеа загриженост по информациите дека интересот на младите битолчани за изучување на геолошко-рударската струка е речиси никаков, а многу мал е интересот и за изучување на насоката за енергетика

Ниту едно општество не може да смета на својот развој и светла иднина без развојот на енергетиката, која покрај тоа што носи светлина и топлина во сечиј дом го движи и развојот на државата. Токму затоа, во Битола, како традиционално енергетски град, деновиве завладеа загриженост по информациите што ги објавија директорите на средните училишта од Битола „Таки Даскало“ и „Ѓорги Наумов“, кои по потпишувањето на меморандумите за соработка со РЕК „Битола“, дословно изјавија дека интересот на младите битолчани за изучување на геолошко-рударската струка е речиси никаков, а многу мал е интересот и за изучување на насоката за енергетика.

Според зборовите на директорот на техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“, Владимир Роме, со воведувањето на задолжителното средно образование во ова училиште драстично се намалил бројот на ученици во тригодишното образование, кое, пак, дава занаети од кои РЕК има потреба.

– Ние како техничко училиште годинава имаме само девет ученици во тригодишното образование и десет во четиригодишното, енергетика. Тоа значи многу малку за град како Битола со енергетски гигант како РЕК до него. А пред воведувањето на задолжителното образование секоја година имаше по една паралелка за тригодишни студии, односно 30 до 34 ученици, исто така и во енергетика. Сега веќе прашање е дали можеме да формираме и една паралелка од сите занимања – истакна Роме.

Слична, дури и полоша е состојбата во СОУ „Таки Даскало“, каде што интересот за запишување на осмоодделенците во геолошко-рударската насока бил под сите очекувања и во двата уписни рока се запишале само 11 ученици.

Токму поради слабиот интерес на учениците за запишување во рударската и во електроенергетската насока, РЕК „Битола“, за да го стимулира изучувањето на овие насоки, деновиве потпиша меморандум за соработка со овие две средни училишта како и со Техничкиот факултет и со Факултетот за информатички технологии.

– Со потпишувањето на овие меморандуми сакаме да ги поттикнеме младите во Битола да се запишуваат на техничките науки и да ја градат својата иднина во Битола. РЕК „Битола“ ќе биде местото каде што тие понатаму ќе ја остваруваат својата работа и ќе ги прехрануваат семејствата. Сакаме да поставиме нови принципи и методи на соработка со средните училишта и со факултетите. На средношколците и на студентите ќе им овозможиме еднакво исти услови со условите на вработените. Ќе бидат обезбедени превоз, храна, лични заштитни средства – најави директорот на РЕК, Васко Ковачевски.

Со слично размислување е и генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.
– Покрај теоретските и практичните знаења што ќе ги стекнат младите луѓе, наша цел е тие да имаат увид како работи комбинатот и да имаат можност понатаму да се приклучат во нашата работа. Сакаме да воспоставиме блиска врска меѓу наставно-научните совети и РЕК „Битола“, за да соработуваме во делот на помош и усовршување на младите кадри. Другата цел е да покажеме дека и ние како АД ЕЛЕМ се грижиме за младите луѓе, им подаваме рака и да им покажеме и да докажеме дека нивната иднина ја гледаме тука во Македонија, во РЕК „Битола“ и во другите подружници на ЕЛЕМ во Република Македонија – истакна Миновски.