Гулабот на мирот слета на француските гробишта во Битола

784
фото: Васка М. Младеновска

Во спомен обележјето кое специјално за оваа пригода го изработија учениците на Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола и „Ла Роке” од градот Кутанс, Долна Нормандија, се впишани и вградени пораките на младите гимназијалци од Битола и Франција, за мир, разбирање и толеранција.

Спомен обележјето кое е изработено од камен и на кое гулабот на мирот со своите раширени крилја го надлетува Кајмакчалан, каде во Првата светска војна се водеа најжестоките битки, како и витражот на кој е прикажано македонското знаме, на најдобар начин ги отсликува пораките за мир, кои денеска на француските гробишта во Битола, во присуство на учениците од Гимназиите во Битола и градот Кутанс Долна Нормандија ги испратија амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние и пратениците од Собранието на Република Франција и членови на „Републиката во движење”, Бертран Сор, претседател и Грегори Галбадон, заменик претседател на групата за француско -македонско пријателство.

фото: Васка М. Младеновска

-Изборот на бои и материјали е мошне силен и зборува самиот за себе. Каменот од градот Каен, Долна Нормандија, зборува за војниците со цел да ја валоризираат планината, која не опкружува и која ги видела како паѓаат сите овие војници кои се погребани тука. Идејата да се впишат македонските имиња е со цел да се фрли светлина врз страдањето на цивилите, ми изгледаат сите како избори полни со историја и ја прават оваа ѕвезда полна со симболика, истакна на комеморацијата францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Обраќајки им се на присутните Кристијан Тимоние нагласи дека Битола за французите преставува место за средба, споделување и истражување на Македонскиот фронт.

-Станува збор за град кој бил бомбардиран и во кој цивилите се сеќаваат на тоа што било војна, но исто така станува збор и за пријателска земја која е засолниште за 16.000 од нашите познати и непознати војници, нагласи Тимоние, кој изрази задоволство што младите од Македонија и Франција се заинтерсирани за заедничката историја.

фото: Васка М. Младеновска

Спомен обележјето кое го изработија учениците на Гимназиите од Битола и градот Каен, Долна Нормандија ќе има посебно место во Музејот на Франција, кој наскоро ќе биде отворен на Француските гробишта во Битола, а во кој ќе најдат место голем број документи, фотографии и филмувани материјали од борбите кои пред 100 години се водеа на Кајмакчалан.