Грција, Албанија и Црна Гора и годинава најомилени дестинации за летувалците од Кичево

69
Фото: Зоран Антоски

Како и претходните 10-15 години, за граѓаните на Кичево, најомилени дестинации за летен одмор беа Грција, Албанија и Црна Гора. Граѓаните со свои аргументи, зошто не ги менуваат навиките и не се одлучат за други дестинации.

-Полни две децении, секое лето барем десет дена сме гости на едно од летувалиштата во Грција. Причини за постојаното присуство на Егејското Море се близината на Грција, чистите и уредни плажи и навиките кои веќе сме ги стекнале. Сметаме дека и наредните лета Грција ќе биде наша летна одредница – велат Драган и Стојан, летувалци на Егејот од Кичево.

И туристичките агенции потврдуваат дека граѓаните на Кичево најмногу ги преферираат летувалиштата во Албанија, Грција и Црна Гора. Во поново време сѐ поголем е бројот на летувалци кои ги користат претсезонските попусти, од причина што цените се пониски, а гужвите на плажите и на патиштата многу помали. А дел од летувалците, покрај во трите земји каде ги има во најголем број, својот летен одмор го поминаа и во Турција и Хрватска, а помал број летуваа во Египет, Тунис или Шпанија.

-Последните неколку години одлучивме летниот одмор да го користиме во втората половина на јуни, претсезона, кога одиме на десетдневно летување во Грција. Предностите се големи бидејќи цените се многу пониски, а плажите се релативно празни, така што во многу порелаксирана атмосфера и за помалку пари го поминуваме летниот одмор, наместо тоа да го направиме во шпицот на сезоната. Дури некој денар и ќе остане за да ја подновиме гардеробата и да си купиме нешто за дома – вели Аце Филипоски, традиционален летувалец со своето семејство на еден од краците на Халкидики.

И Албанија стана омилена дестинација за летувалците од Кичево, бидејќи како и Грција е многу блиску, цените се прифатливи, а во маркетите може да се снабдите со намирници по идентични цени како што се во земјава.

-Првите неколку години кога за првпат одлучивме да летуваме во Албанија, постоеше мала резерва околу уреденоста на плажите и цените за ноќевање. Но лично се уверивме дека во моментов Албанија е исклучително поволна земја за летување, бидејќи цените за ноќевање се многи поволни, плажите се доста чисти, а во маркетите можеме да се снабдиме со намирници по цени како во нашиот град. Така за нашето семејство десетдневно летување во Албанија нѐ чини помалку од 500 евра, што е апсолутно прифатлива цена за нашиот стандард – вели Јован, редовен гостин во албанските летувалишта со своето семејство и пријатели.

Нашето најпознато летувалиште Охрид, за граѓаните на Кичево е само попатна станица за едно од морските летувалишта.

-Сега кога за релативно прифатливи цени можеме да летуваме на едно од морските летувалишта во соседството, ретко се одлучуваме да летуваме во Охрид бидејќи цените се слични и вреди да се оди на море. Во Охрид одиме во некој од викендите на еден ден, кога е топло времето а водата пријатна за капење. Остануваме на заклучокот дека цените во нашиот туристички бисер не се во склад со стандардот на нашето население, поготово за одредени услуги – потенцираа граѓани на Кичево.

З.А.